Јужна Кореја добро ја намачи Хрватска, на премиерниот меч од 21-то Светското првенство во ракомет за мажи, но репрезентацијата на организаторот на Мундијалот на крајот, сепак славеше со 27:26. Преполната Спаладиум арена во Сплит, како и светската ракометна јавност очекуваше дека на почетокот на СП, хрватската репрезентација ќе одработи нешто полесен тренинг, но Кореја покажа дека може да и парира на секоја селекција. Прашањето на победникот беше решено дури во последната минута од мечот кога Метличич ги постигна двата клучни гола. За неизвесноста на мечот говори и резултатот на полувреме - 14:13 за "коцкестите", како и фактот дека Хрватска во ниту еден момент не поведе со повеќе од три гола разлика.За играч на натпреварот беше избран Игор Вори, кој постигна пет гола, додека најпрецизен кај победникот беше Чупич со 8 погодоци.
Останатите мечеви од првото коло на Светското првенство се играат денеска, а нашата репрезентација ќе ги одмери силите со Тунис.
Дербито од првото коло секако претставува дуелот од нашата Ц група, меѓу Русија и Германија, а интересно ќе биде да се види што ќе направат останатите фаворити како Франција, Шпанија, Полска, Унгарија и Шведска.
Денешни натпревари:
Група А (Осиек)
16:30ч Словачка - Аргентина
18:30ч Унгарија - Австралија
20:30ч Франција - Романија
Група Б (Сплит)
16:30ч Шпанија - Кувајт
18:30ч Шведска - Куба
Група Ц (Вараждин)
15:30ч Полска - Алжир
17:30ч Германија - Русија
19:30ч Македонија - Тунис
група Д
16:15ч Норвешка - Саудиска Арабија
18:15ч Египет - Србија
20:15ч Данска - Бразил


















