На 04 Јули 2009 год. во периодот од 12.00 -24.00 часот во Автокамп „АС" -Струга ќе се одржи вториот по ред мултиетнички хепенинг - Под исто сонце.
Хепенингот е дел од кампањата за промоција на мултиетничките вредности и поттикнување на меѓусебното почитување на етничките заедници во Македонија. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со културата и традицијата на различните заедници. Ќе бидат претставени народни носии, ракотворби, традиционални јадења и фолклорни игри од различни градови во Македонија.
Настанот ќе го отвори Н.Е. Ерван Фуере, специјален претставник на Европската унија и шеф на Делегацијата на Европската Комисија и ќе го промовира „Водичот за националното законодавство во сферата на употребата на јазиците на етничките заедници во Република Македонија". Во рамки на хепенингот, во амфитеатарот на Евроколеџот во Струга ќе бидат организирани две панел дискусии: „Сегрегацијата во образованието - предизвик за мултиетничкото општество" и „Дали Охридскиот рамковен договор донесе подобрување на меѓуетничките односи?"
Како завршница на еднодневниот мултиетнички хепенинг, од 20 до 24 часот ќе настапат Мајка бенд, Паркети, Бени & Нон Стоп и Кирил Џајковски.
За дополнителни информации може да го посетите сајтот www.podistosonce.org.mk



















