СКОПЈЕ, 5 декември - Трииполгодишно девојче од Скопје е шестата жртва на грипот А (Х1Н1), соопшти во сабота Министерството за здравство.Детето било примено на Инфективната клиника на 01. декември во исклучително тешка општа состојба, поради што веднаш било поставено на респиратор.
Од Клиниката информираат дека девојчето уште од шестмесечна возраст било лекувано и во неколку наврати и хоспитализирано на Детската клиника поради конвулзии (грчеви).
И покрај максималната заложба на лекарите од Клиниката и обезбедената медицинска грижа, во петок вечер настапило нагло влошување на нејзината здравствена состојба и констатирана е смрт во раните утрински часови.
Во текот на последните 24 часа на Клиниката за инфективни болести во Скопје се хоспитализирани 17 нови пациенти, додека на инфективното одделение во Воената болница се згрижени уште тројца пациенти, сомнителни за инфлуенца А Х1Н1. Сите новопримени пациенти се во стабилна здравствена состојба, освен една пациентка, која е примена со знаци за тешко респираторно засегање и бара континуирана поддршка со кислород.
И натаму, во тешка општа состојба е 25-годишниот пациент со бронхопневмонија (примен а 28.11), кој се уште е на респиратор, како и 40-годишна пациентка, хоспитализирана на 02.12., чија здравствена состојба синоќа нагло се влошила, поставена е на асистирана вентилација и се уште е во многу тешка состојба.
Во моментот на Клиниката се хоспитализирани вкупно 98 болни, додека во Воената болница се лекуваат 36 пациенти со симптомите на новиот тип на грип.
На Клиниката за детски болести во Скопје во изминатото деноноќие се хоспитализирани 11 нови пациенти и таму во моментов болнички се лекуваат 63 пациенти со симптоми на грип (на возраст од шест месеци до пет години).
Сите новопримени пациенти се со полесна клиничка слика, а подобрена е и здравствената состојба на двете деца, хоспитализирани во претходните денови. Исто така, во изминатото деноноќие дома се пуштени 12 дечиња, откако е констатирано целосно повлекување на симптомите на грип.


















