Француската воена команда потврди дека остатоците најдени вчера во Атлантскиот океан
се од патничкиот авион на "Ер Франс", што исчезна во понеделникот. Според експертите, сите 228 лица во авионот настрадале, а засега не се откриени телата на загинатите. Црните кутии се претпоставува дека се наоѓаат на околу 2.000 - 3.000 метри длабочина во океанот и нивното вадење ќе биде многу тешко, пренесува АФП.
Претходно, министерот за одбрана на Бразил, Нелсон Жобим, изјавил дека нема сомневање дека се воочени остатоци од авионот на "Ер Фанс" во Атлантикот, кој исчезна со 228 патници и членови на екипажот.
Авионот од типот "херкулес" што учествувал во потрагата на патничкото летало, воочил делови од авионот кај островот Фернандо де Нороња, на 650 километри од брегот на Бразил. Ова потврдува дека авионот паднал во оваа област, истакнал Жобим, на вечерашната прес-конференција.



















