Информации од Крива Паланка и околината

Петок, 30 Jul 2010
Home За градот Цркви и Манастири Манастир на свети Јоаким Осоговски - Крива Паланка

Манастир на свети Јоаким Осоговски - Крива Паланка

Е-пошта Печати PDF
( 29 - user rating )

Токму во овие предели кон крајот на XI и почетокот на XII век живеел испосникот св. Јоаким Осоговски.

osogovski1Од житието на преподобниот отец наш Јоаким Осоговски

Преподобниот Јоаким се подвизуваше во втората половина на XI век. Местото на неговиот подвиг е Сарандапор, на Осоговската Планина во близина на македонското гратче Крива Паланка. Затоа понекогаш е нарекуван и Сарандапорски. Тогаш во овие краишта се подвизувале и прочуените Јован Рилски, Прохор Пчински и Гаврил Лесновски.

Бидејќи ревносен за подвижнички живот во осаменост уште од младоста, тој тргна од родниот крај кон пустината на Осоговската гора. Воден од ангел Божји една вечер пристигна во домот на еден бојарин во селото Градец. Во малечката црквичка на тоа село Јоаким најпрво Му се помоли топло на Бога, па седна пред црквата за да се одмори од долгото пешачење. Кога го видоа таму, му пристапија некои бојари, а тој ги замоли да му покажат некое место во планината погодно за осаменички подвизи. Тогаш бојаринот кој му беше домаќин му укажа на подножјето на Осоговската Планина покрај реката Скупица, зашто таму крај потокот наречен Бабин Дол се наоѓа една пријатна осамена пештера, погодна за животот кој го посакуваше богољубецот. Кога слушна за тоа место свети Јоаким Му заблагодари на Бога и на Пресветата Владичица, па тргна на пат кон местото. Кога стаса на местото наречено Сарандапор, се насели во тамошната пештера и остана во неа до крајот на животот.

osogovski2Во оваа пештера се подвизуваше мошне усрдно и строго, минувајќи ги деновите и ноќите во непрестајни молитви, бденија, коленоприклоненија, во топли солзи. Пред крајот на земниот живот го посетија некои ловци. Светителот ги благослови и тие тој ден уловија необично богат лов. Потоа преподобниот ги замоли повторно да го посетат, како што тие и направија. Но кога отидоа уште еднаш, го пронајдоа мирно упокоен во Господ. Тогаш чесно го погребаа и потоа доаѓаа на гробот. Преподобниот Јоаким се упокои околу 1105 година.

Во времето на византискиот цар Манојло I Комнен (1143 - 1180) преподобниот Јоаким беше прославуван многу, па тогаш го обновија и неговото подвижничко катче. Таму пристигна вдовецот свештеник Теодор од Овче Поле, се замонаши со името Теофан и собра многубројни браќа. Подигнаа црква и манастир посветени на свети Јоаким. За прв игумен на братството го избраа јеромонахот Теофан. Нему во сон му се јавил свети Јоаким и му рекол дека сака да се нарекува ктитор на тој манастир. Потоа светителот му го открил на игуменот местото на своите свети мошти, па му покажал и дрво во шумата од кое побарал да му направи ковчег и во него да ги пренесе светите мошти во манастирот. Сето тоа отец Теофан го изврши со беспрекорно послушание и браќата со свечена литија ги пренесоа моштите на Преподобниот во манастирот. Светите мошти ги положија во црквата посветена на свети Јоаким и крај нив почнаа да се случуваат многубројни чуда, како во тоа време така и подоцна, до нашите дни.

Од историјата

Самата историја на манастирот започнува со доаѓањето на св. Јоаким во областа на Осоговието. Во времето во кое живеел (XI век) и кога се основал манастирот (XII век), областа на Осоговието се наоѓала во состав на Византиското Царство. Манастирот бил изграден со залагање на игуменот Теофан и месното население, во време на владеењето на византискиот император Манојло Багренороден (1143-1180). Интересно е да се напомене дека манастирот нема ктитор, туку народот сам го градел, на што кривопаланчани се посебно горди. Манастирот во својата богата историја бележи подеми и падови. За неговото значење зборува податокот дека бил посетуван од повеќе црковни великодостоинственици, државници и патеписци. На иницијатива на Хаџи Стефан Бегликчијата во 1847 год. започнува изградбата на големата соборна црква посветена на св. Јоаким Осоговски. Во 1851 год. таа е завршена и осветена. Изградбата била доверена на протомајсторот Андреј Дамјанов (1817-1878), по потекло од родот на Рензовци, најпрочуениот градител на Балканот од почетокот на XIX век.

Дамјанов го вградил извонредното познавање на сложените процеси на градба и проектирање. Овде тој отстапува од решенија и концепти карактеристични за него. По својата архитектонска диспозиција претставува монументална трикорабна базилика, со два реда по три столба, кои целиот простор го делат на дванаесет травеи, над кои се изведени куполи. Од дванаесетте куполи со кои е покриена црквата, девет излегуваат на петтата фасада. Од нив пет се подигнати на повисок тамбур и формираат грчки крст на самата покривна конструкција. Четири од куполите се слепи и ги покриваат аголните травеи на објектот. Три куполи завршуваат под покривната конструкција и не се видливи однадвор. Наосот од јужната и западната страна е опфатен со тремови покриени со осум слепи куполи. На источната страна има три апсиди, од кои средната е седмострана, а бочните се петострани.

И внатрешноста и тремовите на црквата се живописани од вештата рака на четворица македонски зографи. Димитриј Андонов Папрадишки, во периодот од 1884-1945 год. со љубов го пренел сето свое умеење, насликувајќи ги северното и јужното кубе од тремот, западната и јужната фасада и кубињата над тремот од јужната страна.

Во 1884 год. тука работеле зографите Мирон Илиев, Аврам Дичов и Глигорие Петрович од с. Тресонче, кои го живописале средното кубе над тремот од западната страна на црквата.

osogovski4

Најзначајниот дел од фрескописот се наоѓа на западниот ѕид од црквата, кој го насликал Папрадишки. Една од најкарактеристичните фрески е композицијата „Евангелската проповед на апостол Павле”, во која раката на уметникот внела и профани елементи. На оваа извонредна фреска народната носија од кривопаланечко зрачи со сета своја убавина и рустичност.

monografijaВо 2005 година е издадена монографија „Десет века свети Јоаким Осоговски“, од автор-настојател во манастирот Јордан Михајловски.

Монографијата е објавена во чест на десетвековниот јубилеј на ова македонско светилиште, во 2005 година. Монографијата не е само синтеза и хронологија на настаните туку и објективен и научен пристап во третирањето на историските факти.

Пред нас е една видлива трага за милениумското постоење и дејствување, реално и духовно, на свети Јоаким Осоговски, на исклучителната и отелотворителна мисија на верата и верувањето на народот од овој крај, за исклучителната мисија на Македонската православна црква во подигнувањето и зачувувањето на духот и одговорот кон нападите врз народот и неговата вера. Чествувањето на свети Јоаким Осоговски-Чудотворец и неговиот манастир и ден денешен зрачи со силата на црковен, духовен и културен центар со духовни димензии и пораки кои го надминуваат нашиот континент.

Црква на Рождеството на Пресвета Богородица

Најстариот објект во манастирскиот комплекс е малата црква на Рождество на Пресвета Богородица, градена во XIV или XVI век, врз темели на црква градени во XI - XII век. Според градителскиот концепт спаѓа во редот на мали крстообразни еднокуполни цркви, со крстообразна основа, со тристрана апсида однадвор и припрата. Градбата ја карактеризира византиски стил. Градена е со по два реда тули и еден ред камен во хоризонтални редови, со дебел слој малтер меѓу нив. Црквата е една од првите средовековни цркви кај нас живописани во најново време.

Придружен архитектонски ансамбл

Ликовниот уметник Димитар Стојчевски, по потекло од Крива Паланка, едно свое дело со мотив од манастирот го нарекол “Манастирски Град”, инспириран од разиграноста и бројноста на придружните објекти и платоата на кои се распоредени. Стариот конак почнал да се гради во 1864, а завршен е во 1905 год. Потоа следат конакот од 1917, конакот со висока фасада, владичкиот конак (сега целосно возобновен), конакот “Плочаница”, крстилницата, малата маѓерница со трем, плевната со штала, казарницата, лебарницата, амбарот за жито и амбарот за ориз, писарницата, новиот конак и конакот на горното собориште.

osogovski3Манастирот е отворен за верници, посетители, патници и добронамерници. Најчесто доаѓаат на поклонение на чудотворните мошти на св. Јоаким, кои се чуваат во самата црква. Зашто, и самиот тропар на св. Јоаким вели: „Богоносен оче наш Јоакиме, си се јавил како жител на пустината, ангел во тело и чудотворец. Откако преку пост, бдение и молитва прими небесни дарови, ти ги лекуваш болните и душите на оние што со вера ти пристапуваат. Слава Му на Оној што ти дал сила! Слава Му на Оној што те овенчал! Слава Му на Оној што преку тебе сите ги лекува.“

На храмовиот празник, на 28-29 август, мноштво верници притекнуваат во манастирот за да му се поклонат на Светителот.

Тука се одржуваат и културни манифестации, како на пример Меѓународна ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски”, Летна школа за архитектура и Колонија на Здружението на копаничари.

Ова илјадагодишно светилиште сега е епархиски резиденцијален манастир на Полошко-кумановската епархија. Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил со своето несебично себевградување и залагање придонесува за уште поголем развој и процут на манастирот, заедно со свештенството, манастирското настојателство и жителите на Кривопаланечко.

Текстот и сликите се превземени од веб страницата на Македонската Православна Црква

 

Бараме соработници!

Доколку сте заинтересирани за работа на веб страницата, контактирајте не на следнава e-mail адреса: rabota@krivapalanka.info Во моментот работата е исклучиво на волонтерска основа!

Вашиот бизнис на интернет!

Вашиот бизнис БЕСПЛАТНО на интернет! Внесете ги Вашите податоци во Бизнис Адресарот! Сакате и Ваша Веб страница? Контактирајте не на следниов e-mail. Ќе добиете беспрекорна услуга и цена прилагодена само за Вас!

sail120x100_phonesys

ЕЛКО ИТ СОЛУТИОНС е официјален партнер на ESET за Македонија

Наши пријатели

www.kumanovonews.com
Официјална страна на општина Крива Паланка
www.kustendil.info
Zajecar.eu
WeatherUnderground :
Ажурирани: 08:00 PM CEST на 29 Јули, 2010
Четврток вечер/ноќ Петок Петок вечер/ноќ
Ведро Ведро Ведро
Ведро Ведро Ведро



     

 

Forecast from WeatherUnderground for .

4m-new-160
offroadosogovo-logo-lat-160x160