Нека Ви е честит Велигден и за многу години со добро здравје!
На Велигден традиционално, во село Градец кај црквата свети Никола се организира народен собор на кој што учествуваат голем број луѓе по потекло од селото Градец но и од Крива Паланка и околината.
Традицијата вели, утрината да се соберат луѓето во дворот на црквата свети Никола и откако сите се собрани да излезат до блиските селски гробишта за да оддадат почит на мртвите. По некаде час, два, започнува народниот собор на платото помеѓу црквата и старото училиште.
Оваа година времето беше прекрасно, сончево но по кажувањето на присутните, забележлив беше помалиот број на посетители во однос на минатите години.
Инаку село Градец е најстарото село во Кривопаланечката општина, дури постаро и од самиот град. На времето било и најголемо село по број на жители но денеска е опустено и живнува со луѓе само за овој празник.
Во близина на црквата, училиштето и гробиштата се наоѓа и пештерата, испосница на св. Јоаким Осоговски каде што тој ги проведувал монашките денови пред да се пресели во друга пештера на местото на денешниот манастир што го носи неговото име.
Пред некоја година зградите околу црквата и училиштето беа реновирани, со што се создава потенцијал оваа локација да привлекува и туристи во текот на целата година но за жал до денес нема никакви резултати или активности на тоа поле.
Во продолжение, погледнете дел од сликите кои успеавме да ги направиме на Велигден во село Градец.


















