Една американска компанија планира да изгради низа на подземни засолништа за сите кои веруваат дека крајот на светот доаѓа во 2012. година. Едно место во засолништето чини 50.000 долари и досега, наводно, се резервирани 1.000 места.
Компанијата Vivos ги поканува сите кои се подготвуваат за крајот на светот во 2012. да им се јават бидејќи имаат совршено решение за нив. Споменатата компанија има изградено еден, а планира да прави уште 19 бункери низ САД во кои може да учествува било кој апликант кој има 50.000 долари и параноја во развој во пресрет на катаклизмичните најави поврзани со древниот календар на Маите (како поактуелен пример) или си сака безбедно место за заштита во случај на некоја друга слична апокалиптична непогода од типот на нуклеарна војна, астероиди или инвазија од турбо-фолк вонземјани.

Vivos гарантира сигурен живот со сите потреби за луѓето во период до година дена после „крајот на светот“. Еден бункер има капацитет од 200 места, а досега наводно има околу 1.000 заинтересирани.
Сличен бизнис се разви и пред доаѓањето на 2.000 година, кога беше пласиран стравот од „милениумската бубачка“, па доста луѓе во паника се засолнија по планините, со големи залихи на храна и вода, стравувајќи од потполн колапс на цивилизацијата.
Ние не планираме да одиме под земја со богатите параноици. Ја преживеавме y2k, пилешкиот грип, експериментите во ЦЕРН, свинскиот грип, и спремно ја чекаме 2013. година со сите говедски или туна-грипови кои ќе следат, кога ќе падне цената на овие букнерчиња па ќе може за ефтини пари да се купат и да се направат далеку попаметни работи во нив :) А, ако сакате да бидете еден од оние кои тогаш ќе ни ги продадат своите пост-параноични легла, кликнете тука.
На сајтот на Vivos ќе најдете дури и причина да си ги чувате местата во бункерите, бидејќи ако не се случи катаклизма во 2012., ете каде се астероидите и нивните опасни наближувања до нас во 2029., 2036. или било која случајно одбрана година која ќе е секогаш предмет на бизнис интерес на потрезвените кои ќе заработуваат врз лековерните.


















